И покрај плановите на Европската унија неделава во Брисел да се одржи нов круг од техничкиот дијалог помеѓу Белград и Приштина, властите во Приштина го одбиле тоа, јави Танјуг.

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ги повикала претставниците на експертските делегации на Белград и Приштина да учествуваат на новата рунда од техничкиот дијалог на 7 и 8 јуни во Брисел.

Со поканата било предвидено да се дискутира првенствено за основањето на Заедницата на српски општини, како и за слободата на движењето, енергетиката и заедничкото управување со административните премини. Само ден по упатената покана, Приштина испратила негативен одговор на адресата на ЕЕАС, наведува агенцијата повикувајќи се на неофицијални извори.

Главниот приштински преговарач Авни Арифи, му порачал на Брисел дека Косово нема да учествува во понатамошниот дијалог со Србија, кој е под покровителство на ЕУ, сé додека Белград не ги примени договорите за енергетиката, слобода на движењето, отворање на мостот во Косовска Митровица, заемното признавање на универзитетските дипломи и заедничко управување со границите.

ЕУ не потврди ниту негираше дека добиле негативен одгвоор од Приштина.

Портпаролот на Европската комисија Карлос Мартин Руис де Гордехуела, не ја коментираше информацијата дека приштинската делегација го откажала учеството во дијалогот на техничкиот ниво закажан за оваа недела.

- Единствено што можам да кажам е дека сме во постојан дијалог со шефовите на преговарачките тимови и дијалогот ќе го продолжиме што е можно поскоро, изјави портпаролот на ЕК.

Косовскиот претседател Хашим Тачи во интервју за австриската агенција АПА изјави дека Белград и Приштина се согласни дијалогот за нормализација на односите под покровителство на Федерика Могерини треба да продолжи што е можно поскоро, со цел постигнување правно обврзувачки договор. Тачи констатираше дека и Белград и Приштина се согласни дека дијалогот нема алтернатива.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2018 16:38