Додека двете страни се во исчекување на разговорот меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за потврда на досега постигнатото во преговорите за името, во Грција се отвори црковниот аспект на името, откако во посета на Атина вчера пристигна Вселенскиот патријарх, Вартоломеј.
Грчкиот премиер Ципрас вчера се сретна со Вартоломеј и ги поздрави напорите на Вселенската патријаршија за решавање на статусот на МПЦ, додека вселенскиот патријарх потенцира дека се работи на сеправославна обединетост и соработка.
- Би сакал да ги поздравам вашите обиди за позитивно решавање на црковниот аспект на разликите што ги имаме со поранешната југословенска Република Македонија. Верувам дека гледате и ние се обидуваме да ги решиме разликите што постојат веќе многу години и попречуваат две соседни земји да имаат една нормална соработка и заеднички тек, му порача Ципрас на Вартоломеј.
Тој изрази верување дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто, што како што рече, „ни е потребно, како и добра соработка меѓу два соседни народа, кои во мнозинството имаат православна христијанска вера што е важен елемент што не треба да се занемари“.
Вартоломеј нагласи дека тоа прашање е во рамки на канонските обврски на Вселенската патријаршија, да се обидува да ги отстранува расколите каде штo постојат.
Вселенскиот патријарх се сретна со и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и со архиепископот на ГПЦ, Јеронимос, а посетата на Атина следеше откако минатата недела Вселенската патријаршија соопшти дека Светиот и Свештен Синод го разгледал прашањето со нерешениот канонски статус на Охридската Архиепископија.
Во соопштението стоеше дека Патријаршијата го примила писмото на премиерот Зоран Заев, во кое се бара помош и поддршка решавање на прашањето со МПЦ.
Соопштението завршуваше со заклучокот дека Светиот и Свештен Синод на Вселенската патријаршија „одлучи да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“.
Премиерот Зоран Заев со писмо побарал од Вселенската патријаршија признавање на автокефалноста на МПЦ, а писмото било испратено пред еден месец.
И додека грчката страна тврдеше дека Заев прифатил промена на името на МПЦ, македонската страна негираше дека го сторила тоа.
- Никој ниту побарал ниту некој може да го смени името на МПЦ. Не е тема на дилема или на дебата името на МПЦ, потенцира Заев минатата недела на седницата за поставување пратенички прашања.
Неговиот кабинет потоа ја објави и содржина на писмото до Вартоломеј.
А откако се обзнани писмото на Вселенската патријаршија, грчката Влада излезе со став дека до моментов не постои договор за спорот, но единствено што за сега постои е одлуката од Вселенската патријаршија во однос на македонската црква.
- Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија да се спроведе потребното за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија" од името на црквата на нашите северни соседи, пишуваше во владиното соопштение.
Пратеникот на ДУИ, Артан Груби вчера во интервју за Канал 5 истакна дека преговорите меѓу Македонија и Грција за името не се во ќорсокак, туку дека се работи за различна имплементација на договореното и додаде дека во игра се и други креативни решенија, освен оние од пакетот на Метју Нимиц.
- Медијаторот Нимиц ги предложи Северна, Вардарска, Горна, Нова и Република Македонија (Скопје). Знаете дека се преговара за имињата предложени од Нимиц, но се преговара и за секое можно ново креативно решение. Креативно како: „Република Крушевска Македонија“, „Република Современа Македонија“, „Република Европска Македонија“, рече Груби.
Нагласи дека се е договорено во преговорите со Грција, останува уште начинот на имплементација на договорот.
Грчката страна останува на ставот дека таа сторила се што треба во преговорите за името и оти сега на потег е премиерот Заев во процесот за решање на спорот.
Пораката дека Атина го чека „решителниот чекор“ од Скопје, уште еднаш ја повтори портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, но и додаде дека во овој момент никој не бара одново да се отворат преговорите.
- Се наоѓаме во финалната фаза. Е сега, ако постојат некои небитни детали кои можат да одат во една или во друга насока, тоа во никој случај не е отворање на преговорите во нов циклус. Напротив, ви реков дека она што го очекуваме во овој момент е решителен чекор од страна на раководството на ПЈРМ, вели Ѕанакопулос.
А еден од потпретседатели на грчкиот Парламент и пратеник од опозициската Нова демократија, Никитас Какламанис со став дека ако договорот содржи македонски јазик и македонска нација нема да биде изгласан од грчкиот законодавен дом.