Мислам дека доаѓа моментот да го кажеш големото „да“ или големото „не“ и ги разбираш тешкотиите што се наоѓаат пред тебе, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ во однос на последните случувања во преговорите меѓу Македонија и Грција.

- Имам чувство дека раководството во нашата земја пријател на север, раководството во Скопје сега, кога треба да завршиме со ова, ги сфати големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот и ова одигра улога да сака одново да го разгледа договорот, да разговара за одредени појаснувања за самиот договор, но длабоко сум убеден и се надевам дека ова, набргу, за неколку дена ќе се надмине, рече Коѕијас.

Тој објасни дека тоа е негово чувство дека ќе се затвори прашањето, но истакна дека „никогаш не треба да се вели никогаш, сѐ додека не паднат потписите“ и изрази надеж дека тоа ќе се случи набргу. Додаде дека 5-10 дена порано или подоцна, не прават голема разлика.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција не сакаше да открие кое е договореното име бидејќи „тоа е вклучено во пакетот и ќе треба да го објават двете влади, односно двајцата премиери“.

Од пакетот пет имиња предложени од медијаторот Метју Нимиц, Коѕијас рече дека во игра се три („Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“ и „Република Нова Македонија“), откако „Република Македонија (Скопје)“ било отфрлено од грчка, а „Република Вардарска Македонија“, од македонска страна.

Во однос на договорот, шефот на грчката дипломатија откри дека е на 20 страници, на почетокот бил 17, потоа стигнал до 19, за конечната верзија да биде на 20 страници.

За ратификацијата и имплементацијата на договорот, рече дека ќе се следат конкретни чекори, како што се ратификација во македонското Собрание, па референдум и уставни промени, а потоа зелено светло од грчкиот Парламент.

- Најпрво потребна е ратификација на договорот во Собранието во Скопје. Самото Скопје, не ние, решаваат да одржат референдум, сакаат да одржат референдум. Референдумот не го наметнуваме ние, не го бараме ние, не го наметнува никој, тоа е политичка одлука, да се задржи даденото ветување и ние, од наша страна целосно ја почитуваме оваа одлука. Ние треба да го разбереме следното: тоа за нив не е само еден едноставен компромис, тие ќе го сменат името на нивната држава. И тоа колку што знам, во историјата само еднаш се има случено во централна Европа, со Австро-Германците, рече Коѕијас.

Тој оцени дека ако договорот се склучи набргу, во македонското Собрание ќе стигне во следните седмици, референдумот веројатно би бил на есен, додека пак по референдумот, би се направиле уставни промени.

- Мислам дека ако помине на референдумот, тогаш и претседателот на пријателската земја и пратениците ќе ја земат предвид народната волја. Мислам дека тоа е една обврска, вели шефот на грчката дипломатија во однос на тоа каков би бил ставот на македонскиот претседател и опозициските партии.

На прашањето кога договорот би пристигнал во грчкиот Парламент, Коѕијас објаснува дека „договорот ќе ги предвидува предусловите за ратификација и дека нема да може да биде пред референдумот во Скопје“.

Министерот за надворешни работи на Грција, прашан за тоа дали постои можност да се направат промени во договорот, вели дека „сѐ што требаше да се направи, е направено“ и објасни дека со неговиот македонски колега во неделата вечерта на средбата во Брисел, до раните утрински часови одново го разгледале договорот завршен два дена претходно во Њујорк и стигнале до промените што требало да се направат.

Никос Коѕијас вели дека има волја и од двете влади за да се најде компромисно решение, нешто што е нормално во меѓународните односи.

- Мислам дека раководството на ПЈРМ носи многу тешка и правилна одлука за која е потребна голема политичка храброст, голема политичка зрелост и мислам дека тоа го покажуваат и ќе го покажат. Исто така, мислам дека ги објаснуваат и придобивките што постојат за нивната страна, вели Коѕијас.

Во однос на специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, шефот на грчката дипломатија рече дека „Нимиц се наоѓа пред најголемиот успех во неговиот живот, бидејќи ќе заврши нешто на кое работи 25 години“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција во синоќешното опширно двочасовно интервју на грчка државна телевизија ЕРТ, говореше за грчките влади во минатото што го прифатиле предлогот Македонија - Скопје, за македонскиот јазик признат во ОН уште во 1977, за предлогот Илинденска Македонија, што беше отфрлен од грчка страна, за ставот на опозициските партии кај јужниот сосед, но и за како што рече „демократското право на Каменос да не гласа“ за договорот во грчкиот Парламент.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2018 11:10