Грчкиот министер за правда, транспарентност и човекови права Ставрос Кондонис ја обвини социјалната мрежа Фејсбук за цензура.

Како што наведува во денешното издание весникот „Та Неа“, причина за ваквото обвинување на Кондонис е одлуката на Фејсбук да го блокира профилот на грчкиот новинар Никос Бојопулос, кој објавил порака во сеќавање на жртвите на нацистичкиот масакр во селото Канданос на островот Крит во 1941 година.

Според „Та Неа“, Кондонис на вчерашното заседание на Советот на министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ во Луксембург, оценил дека е недопустливо Фејсбук да врши цензура.

На изјавата на Кондонис реагирал еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг, кој оценил дека таквата постапка на Фејсбук претставува сериозен инцидент што треба веднаш да се истражи, за што поддршка изразиле останатите министри присутни на состанокот.

„Та Неа“ потсетува дека во саботата Фејсбук на неколку часа го блокирал профилот на Бојопулос поради неговиот пост за масакрот во селото Канданос, извршен од нацистите на 2 јуни 1941 година, при што биле стрелани 180 локални жители, а нивните домови биле разурнати.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2018 12:03