Македонско друштво „Илинден” со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, преку соопштение изрази жалење што официјална Софија се обидува да ги претстави Македонците од областа Гора како Бугари.
- Како и многупати досега, македонското друштво „Илинден“ се залага за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ. Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и лаги во смисла на подобрување на нивниот социјален статус и економска положба преку делење бугарски пасоши, стипендии за студирање на младите Македонци... Цената на тие бугарски „услуги“ се сведува на потпишување на изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари, се наведува во сопштението.
Друштвото апелира албанската Влада да преземе сериозни мерки за грижата околу положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија.
- Постојат документи од бугарската и француската провиниенција од 1923 година, со кои се потврдува дека населението во пограничниот регион помеѓу Албанија и Македонија се чуствувало и изјаснувало за Македонци. Сепак, за потребите на големобугарските аспирации врз македонскиот народ, Бугарија „создава вештачки проблем со бугарско малцинство во Албанија, наведува друштвото.
Оттаму посочуваат дека за овие бугарски аспирации се има изјаснето и м-р Васил Стерјовски, според кого постои документ од италјанските архиви околу неоснованото тврдење на Бугарија дека 18 села што тогаш се граничеле со Југославија биле бугарски. Тогашниот генерал Енрико Телини кој бил член од Италија во комисијата за утврдување на границите на Албанија спровел анкета меѓу тогашните жители во овие села кои на прашањето дали се Бугари, се изјасниле дека се Македонци.
Македонско друштво „Илинден” изразува и загриженост поради, како што се наведува во соопштението, апатичната политика на македонската Влада во однос на македонското малцинство во Албанија.