Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св.Кирил и Методи“ од Скопје со повеќе активности одбележува 40-годишен јубилеј од своето основање.
Во организација на Факултетот се одржа и трета Меѓународна конференција „Истражувања во физичкото образование, спорт и здравје“.
На конференцијата учествуваа повеќе од 150 автори од разни држави со повеќе од 100 научни трудови од областа на физичкото образование, спортот, спортскиот менаџмент и здравјето.
Конференцијата имаше четири сесии: физичко образование со 31 научен труд, спорт и спортски менаџмент со 30 научни трудови, здравје со 21 научен труд како и постер сесија со 12 презентации. Авторите дебатираа за новите предизивци во физичкото образование, спортот и здравјето.
Четиридеценискиот јубилеј, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје го одбележа и со свеченост на која обраќање имаа деканката на факултетот Ленче Алексовска-Величковска, премиерот Зоран Заев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, како и директорот на Агенцијата за млади и Спорт Дарко Каевски.
На свечената церемонија беше промовирана монографијата „40 години ФФОСЗ 1977/78 - 2017/18“, а беа доделени и признанија на истакнати професори, национални спортски федерации, спортисти и спортски работници, како и здруженија кои го поддржуваат спортот.