Министерот за инфраструктура на Косово, Паљ Лекај информира дека конечната цена на изградбата на автопатот Приштина-Скопје може да стаса до 700 милиони евра, односно околу 100 милиони евра повеќе отколку што беше првичната проекција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лекај синоќа во интервју за ТВ Дукаѓини рече дека работите на овој проект првично било предвидено да завршат до 1 јануари годинава.

- Конечната цена на автопатот може да стаса до 700 милиони евра, како тотал, вклучително и последното дополнително плаќање заради доцнењата и лошото менаџирање (од претходната Влада). Околу 50 отсто не се исполнети обврските кон изведувачот на работите, што предизвика и продолжување на договорот, рече Лекај.

Првично планираната сума за изградба на автопатот кој го поврзува Косово со Македонија беше 608 милиони евра, но се зголеми поради пеналите кои му се плаќани на изведувачот „Бехтел Енка“. Со образложение дека претходната Влада не ги исполнила на време обврските, вчера Владата на Рамуш Харадинај одлучи да плати 53 милиони евра пенали на конзорциумот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 12:23