Целосно се исцрпени средствата предвидени за субвенции за купување велосипед, односно до крајот на денешниот ден се пристигнати 3.131 барања, информираат од Град Скопје.

Со ова, како што е наведено во соопштението, исполнет е условот за завршување на дел од јавниот повик, со што од утре сите пристигнати барања на граѓаните до архивата на Град Скопје нема да бидат примени.

Со Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди за 2018 година, граѓаните имаа можност да набават велосипеди, а Градот Скопје да ги субвенционира во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2018 година беа предвидени девет милиони денари.

Од Градот Скопје ги информираат граѓаните дека вториот дел од јавниот повик, наменет за субвенции за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност се уште е во тек и има средства за оваа намена.

Градот Скопје ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За оваа намена од Буџетот на Град Скопје се предвидени еден милион денари и овој дел од повикот ќе биде активен се до исцрпување на средствата или до крајот на рокот на важење 31 август годинава.

Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска – www.skopje.gov.mk/uploads/јавен повик за велосипеди.pdf

Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, инфомираат од Град Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 16:48