Изложбениот центар за електрична енергија „Матка“ од денеска ја збогатува официјалната туристичка понуда на главниот град. Ова денеска го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер потпишаа Меморандум за соработка со кој овој центар прв од ваков вид во Македонија и во регионот ќе добие поголема промоција и ќе ја збогати туристичката понуда на Скопје.
Овој центар е добитник на наградата „Музеј на годината“ која ја доделува ICOM (Internacional council of museums) - Македонија, а минатата година ја доби и националната награда за општествена одговорност што ја доделува Министерството за економија.
Шилегов потсети дeка претставници на некоку универзитети во Македонија, на средни и на основни училишта и претставници на Бирото за развој на образованието, потпишаа иницијатива за користење на Изложбениот центар Матка во едукативни цели во насока на унапредување на образовниот процес.
Поради тоа, како што рече Шилегов, предвидовме можност учениците од средните училишта да го посетуваат Изложбениот центар во рамки на нивните екскурзии.
- Град Скопје постојано работи на создавање нови содржини што ќе го поттикнат локалниот економски развој и ќе ја збогатат туристичката понуда. Матка заслужува поголема грижа со цел максимално искористување на нејзиниот туристички потенцијал. Во таа насока предвидовме проекти со кои може да се реши сообраќајниот метеж и проблемот со паркирањето, рече Шилегов.
Најави дека дополнително Матка ќе се збогати со нови содржини што ќе ја зголемат атрактивноста на локацијата и ќе придонесат за привлекување нови туристи.
Шилегов додаде дека оформувањето на Изложбениот центар Матка ја збогати целокупната туристичка понуда на Скопје и оти Матка покрај природните и историски убавини станува и дестинација за поинаков тип на туризам.
Проектот го поддржа и градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, кој истакна дека тука може да се развива дневен и викенд туризам.
Изложбениот центар Матка е сместен во автентична зграда на старата хидроцентрала на Матка која датира од 1938 година и досега го посетиле над 8.000 посетители.