Општина Центар, со асистенција на МВР, утринава започна со извршување на решението на инспекциските служби за отстранување на дивоградбите, но и на диво поставената населба во „Урбан парк“.

- Станува збор за објекти изградени од ПУИГ, но потоа во нив диво се населија други жители, кои буквално го запоседнаа паркот, градејќи импровизирани живеалишта, каде складираа пластичен отпад и секаков вид шут, информираат од Општина Центар.

Појаснуваат дека изминатиот месец континуирано се разговарало со лицата кои беа сместени во паркот и им било посочено дека ќе мора да го напуштат ова нивно привремено незаконско живеалиште. На истите им е понудено и сместување во едно од прифатилиштата на Министерството за труд и социјална политика. Дел од граѓаните прифатиле, но дел од нив не се согласиле.

Општина Центар по комплетно расчистување на просторот ќе започе со реконструкција, зазеленување и поставување урбана опрема во паркот.

- Општина Центар како што ветуваше во изборниот период нема да дозволи дивоградби на својата територија и надлежните ќе носат решенија за нивно отстранување, истакнуваат во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2018 11:04