Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје потпиша Меморандум за соработка со претставници на универзитетите и институции за спортско високо образование и наука на Балканот.
Меморандумот е потпишан во рамки на петтата Меѓународна научна конференција на тема „Спорт и безбедност“, што се одржа во Софија, Република Бугарија.
Овој Меморандум има неколку цели, меѓу кои: на полето на спортското образование на Балканот да се воспостави квалитет кој е компатибилен со европските вредности на спортот и високото образование, да се поттикне соработката меѓу институциите-потписници, да се промовира размената на спортски програми и наставни искуства во спортскиот тренинг, да се зајакне соработката за истражување преку учество во научни проекти, заеднички истражувачки иницијативи, публикации и научни настани...
Меморандумот го потпишаа Универзитетот за спорт од Тирана; Националната спортска академија „Васил Левски“ од Софија, Шуменски универзитет „Константин Преславски“, Факултетот за едукација од Шумен и ЈЗУ „Неофит Рилски“, Факултет за јавно здравје и спорт, сите од Бугарија; Универзитетот во Загреб, Кинезиолошки факултет; Универзитетот од Ниш, Факултет за физичка култура, Универзитет Унион – Никола Тесла, Факултет за спорт; Универзитетот од Љубљана, Факултет за спорт; и Универзитетот Гумушане, Факултет за спорт од Турција.