Најголемата косовска опозициска партија, Демократискиот сојуз на Косово (ЛДК) информира дека неговините пратеници нема да бидат дел од косовската делегација, предводена од парламентарниот спикер Кадри Весели, која ќе замине на турнеја во неколку европски држави за да лобира за либерализација на визниот режим, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на пратеничката група на ЛДК се вели дека овие „туристички посети“ не се вистинскиот начин за лобирање за визите.

- Пратеничката група на ЛДК не се приклучува на лобистичко-туристичката екскурзија на претседателот на Собранието, затоа што смета дека либерализација на визниот режим не се обезбедува со такви активности, се вели во реакцијата на ЛДК.

Според оваа партија, за да придонесе за исполнување на критериумите за либерализација на визниот режим, парламентарниот спикер треба да обезбеди непречено одвивање на работата на Собранието за усвојување на законите поврзани со Дооговорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и, пред се, со Агендата на европските реформи.

Вака, „само залудно се трошат јавни пари“, смета ЛДК.

Кадри Весели, со уште неколку пратеници, но и со други претставници на Владата и на државни институции, денеска замина за Виена, како прва дестинација за лобирање низ Европа за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2018 14:18