Претставници на граѓанското општество, културата и политиката од неколку европски земји во отворена размена на идеи ќе разговараат за можните влијанија на уметноста и културата во времиња на промени во рамки на „Дебата за Европа“, што од денеска до сабота се одржува во Скопје.
Настанот е дел од серијата „Дебати за Европа“, организирани од Германската академија за јазик и литература, Фондацијата „С. Фишер“ и Фондацијата за култура „Алијанс“ во различни градови низ цела Европа почнувајќи од 2012 година. Партнер во организацијата на настанот од Македонија е Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи уметнички практики, со поддршка на „Традуки“.
На отворањето на „Дебата за Европа“ во Скопје, германскиот амбасадор Томас Герберих, рече дека самата култура може да направи значителен придонес кон процесот на спроведување на реформите.
- Македонското општество е среде голем силен процес на реконструкција, економски, политички, културолошки и општествено. Мора да разбереме дека овие реформи се тешки и не секогаш популарни, но дека е во најдобар интерес на земјата и луѓето да продолжат со реформите, изјави Герберих.
Анте Контиус од фондацијата „С.Фишер“, на отворањето му честиташе на Роберт Алаѓозовски, за двете иницијативи кои ги остварување откако станал министер за култура, Македонија и да пристапи на мрежата „Традуки“ и Дебатата за Европа да се одржи во Скопје.
Според Искра Гешоска од Контрапункт, многу е важно, што во момент кога земјата е во еден поширок социо-културен период на превирања и транзиција, овдека се клучните луѓе кои што го покриваат европскиот контекст на ниво на книжевност, литература и преводи, но кои се бават и со вкотвувањето на културата во политичките процеси.
- Можеби е необично што едни фондации од сфера на култура и книжевен превод се бават со практично политички теми. Нас тоа ќе ни биде од помош за да сфатиме конечно дека читањето на културата е нешто што треба да биде политички релевантно, истакна Гешоска.
Дебатата ќе се одвива во групи за внатрешни дискусии и во јавни форуми со активно учество на публиката во Музејот на современа уметност и Даут-пашин амам.
Учесници на денешниот панел „Помеѓу: Уметноста и културата во времиња на промена“ беа Роберт Алаѓозовски, Сретен Угричиш и Артан Садику.
По дебатата, на програмата, е краток концерт на Влатко Стефановски.
Дебати за Европа досега се одржани во Будимпешта, Букурешт, Белград, Атина, Нарва, Санкт Петербург, Минск, Харков и неодамна во Сараево.