Покрај европската „тројка“ - Германија, Франција и Холандија, која би требало да се вклучи во дијалогот меѓу Белград и Приштина, и САД чекаат погоден момент да се придружат кои овој процес, со ангажирање на свој претставник кој би бил задолжен за разговорите на највисоко ниво, тврди белградскиот весник „Вечерње новости“.
Весникот, повикувајќи се на свои извори, наведува дека САД во дијалогот би биле претставени на ниво на советник, а за да го сторат тоа ќе тврдат дека сегашната посредничка во дијалогот, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, не „поажала задоволувачки резултати“.
- Затоа не е исклучено дека прашањето што сега е покренато во ЕУ околу траспарентноста на дијалогот и неговата бавност, всушност да е поттикнато од другата страна на океанот, наведува весникот.
Според „Новости“, американскиот претставник во дијалогот не би имал статус на посредник, бидејќи за промена на форматот на разговорите потреба е согласност и од Белград и од Приштина, а во таков случај српската страна би можела да побара вклучување и на руски претставник.
- Американците никогаш не стоеја далеку од дијалогот. Високи америкнакси дипломати и претходно имаа состаноци во Амбасадата на САД во Брисел со одделни учесници во преговарачкиот процес, но сфатија дека таквата „популарност“ не им е во полза, па сега тоа го прават подискретно, вели за „Новости“ дипломатски претставник од седиштето на ЕУ.
Како доказ за ваквото свое тврдење тој посочува дека секогаш кога дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се водел на високо ниво, во Брисел „по правило престојувал висок претставник на американската Администрација“.