„Google“ може да добие многу сериозни парични казни од Европската унија. Во тек е истрага за анти-монополските прекршувања во врска со оперативниот систем „Android“. Според извори на „Блумберг“, постапката е при крај, а во јули може да има одлука што води кон рекордна санкција. Интересно, паралелно со неа постојат уште две други постапки кои се водат против „Google“.

Истрагата на „Android“ се однесува на инсталирање на апликации на „Google“ на повеќето телефони и таблети што се продаваат во Европа и ги поставуваат како стандардни апликации. Оваа практика ги попречува конкурентните услуги и потрошувачите, отежнувајќи ги иновациите. Друга истрага се однесува на договори на „AdSense“, а третата е за нееднаков третман на сајтови за споредување на цени, поради кои минатата година веќе имапе пресуда.

Европскиот комесар за конкуренција, Маргрете Вестагер е амбициозна да ги заврши и трите случаи до крајот на својот мандат во 2019 година. Евентуално решение може да му забрани на „Google“ да ги обврзува производителите да ги инсталираат неговите апликации и услуги во уреди со „Android“, што пак може да го поткопа сериозно целиот бизнисмодел на компанијата. Во овој случај, според адвокатите, се засегнати не само паметните телефони, но исто така и паметните телевизори и целата електроника која користи „Android“.

Истрагата за онлајн продавниците исто така е на финалната права, а Европската комисија одби ново сослушување на „Google“ за ова прашање. Маргрете Вестагер се закани дека кон минатогодишната рекордна казна од 2,4 милијарди евра може да се додадат дневни казни до отстранувањето на проблемот, бидејќи и покрај тврдењата на „Google“ за преземени мерки, се уште се добиваат сериозни неправилности при резултатите од пребарувањето. При случајот со „AdSense“, EK смета дека компанијата го намалува изборот, откако спречува сајтови да добиваат реклами од нејзини конкуренти.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2018 14:25