Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска им додели награди на најдобро дипломираните студенти во 2016/2017 година на секој од 23-те факултети кои се во негов состав. Врачена беше и наградата „26 Јули“ на осум најдобри студенти во учебната 2017/2018 година од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите.

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски истакна дека со доделувањето на наградите им се укажува висока почит и чест на студентите кои, рече, се нашата најголема гордост.

- Почитувајќи ја речиси седумдецениската традиција, со овој свечен чин им се оддава должно признание на најдобро дипломираните студенти на нашиот универзитет, на студентите кои со својата одличност за нијанси се издвоија од нивните колеги и станаа први меѓу еднаквите по квалитет во својата генерација, рече Јанкуловски.

Наградата „26 Јули“, која е во износ од 8.000 денари, ја добија осумина студенти: Ивана Хаџиевска и Емилија Пешевска од Филозофскиот факултет; Сашо Пшенко од Филолошкиот, Илчо Гавриловски од Економскиот, Лида Алиу од Факултетот за музичка уметност; Ирена Тачовска и Лејла Тутиќ од Правниот факултет и Христина Мијалчева од Архитектонскиот факултет на Скопскиот универзитет.

Во име на наградените се обрати студентот Сашо Пшенко кој студиите ги завршил со просечна оценка 10. Исткана дека е огромна чест да се биде нејзин добитник.

- Работливоста, меѓусебната соработка и евалуирањето на сознанијата стекнати од професорите, менторите и колегите, и хемијата што се појавува меѓу студентот и самиот материјал, секогаш вродуваат со плод. Секако, не ќе бевме овде ако не постоеше нашата истрајност, посветеност и дарежливоста на фондацијата „Франк Манинг“, рече Пшенко.

Наградата „26 Јули“ се доделува од 1980 година и е иницирана од Франк Манинг, донатор кој придонел за обнова на разурнатото Скопје по земјотресот во 1963 година. Во 1977 тој престојувал во Скопје и изразил желба за основање фонд од кој секоја година ќе им се доделува награда на најдобрите студенти во завршна година на студии од областа на архитектурата и општествените науки.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2018 15:21