Треба да избегаме од фобиите и духовите од минатото и динамично да ја видиме иднината, вели грчката министерка за административна реконструкција, Олга Геровасили во интервју за грчката новинска агенција АНА- МПА, во однос на разговорите за спорот со името.
- Секоја политичка сила треба да преземе одговорност како кон грчкиот народ, така и кон историјата. Решението на името и целосна нормализација на билатералните односи со нашата соседна држава само корист може да донесат за земјата, особено за жителите на северна Грција. Треба да избегаме од фобиите и духовите од минатото и динамично да ја видиме иднината, вели Геровасили.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчката министерка коментира дека сега се созреани условите за договор меѓу двете земји.
- Денес постои интензивна раздвиженост меѓу двете влади во Атина и Скопје, бидејќи е јасно дека постојат зрели услови за конечен договор. Ние цврсто се движиме по формулираната национална линија за сложено име што ќе важи за сите, менувајќи ја динамиката на признавање на Поранешната Југословенска Република Македонија со нејзиното уставно име од повеќе земји. Оние кои се противат на решението не разбираат дека одржувањето на сегашното статус кво го носи токму она од кое што се плашат, вели Геровасили.