Во Косово денеска е прогласен ден на жалост поради смртта на легендата на косовскиот фудбал Фадиљ Вокри, кој почина вчера од срцев удар на 58-годишна возраст.
Одлуката за прогласување ден на жалост ја објави канцеларијата на косовскиот претседател Хашим Тачи.
- Во знак на државна и граѓанска почит, државните знамиња денеска ќе бидат спуштени на половина копје во сите државни објекти на Република Косово, внатре и надвор од државата, се вели во соопштенеито.
Вокри почина вчера додека вежбал во фитнес сала.
Голем број граѓани минатата ноќ ја поминаа на плоштадот Скендербег во центарот на Приштина, одавајќи му почит на косовскиот идол со палење свеќи. Таму беа излезени и членови на неговото семејство, на Фудбалската федерација и бројни личности од јавниот живот на Косово.
Освен како еден од најдобрите фудбалери во Косово и Југославија во средината на 80-тите години од минатиот век, како член на клубовите Приштина и Партизан, како и на државната репрезентација, Вокри во Косово е исклучително почитуван поради големите заслуги за косовскиот фудбал по осамостојувањето на земјата. Тој, како претседател на Фудбалската федерација на Косово, меѓу другото, е заслужен за зачлунувањето на Косово во УЕФА и ФИФА. иа/14:16