Мешовита комисија што ќе врши истрага за случаите со исчезнати бебиња, а во која се претставници од државни институции и родители на деца кои се сомневаат дека децата им се исчезнати од породилишта, почнува со работа. Тоа се случува четири месеци по основањето на таа комисија, објави весникот Вечерње новости.

– Формирањето и почетокот на работата на комисијата едвај го завршивме благодарение на министерот Небојша Стефановиќ и Владата, и покрај противењето на остатоците на поранешните режими во институциите, изјави за весникот Радиша Павловиќ, член на Комисијата и претседател на Здружението „За вистина и правда за бебињата“.

- Комисијата ќе биде задолжена и да испита одговорност на оние кои со години спречувале истрага, нагласува тој.

Павловиќ додаде дека родителите сакаат да ја знаат вистината и потоа и правда.

– Она што ни го нуди Законот за бебињата се само надоместоци, наведе Павловиќ.

За законот расправаше и Комитетот на министри на Советот на Европа кои надгледуваат спроведување одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тие изразија длабоко жалење бидејќи властите во Белград пропуштиле да спроведат мерки од судски пресуди за да се обезбеди воспоставување механизам за обештетување за сите родители на „исчезнати“ бебиња. Судот издаде налог за Србија за институционално решање на прашањата за исчезнати бебиња пред пет години.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2018 10:56