Актуелниот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон синоќа го освои петтото место на трката возена за Големата награда на Канада.
Британецот на патеката „Жил Вилнев“ се соочи со проблеми со моторот и поради тоа е задоволен што воопшто успеа да стигне до целта и да освои бодови.
- Благодарен сум што воопшто можев да стигнам до финишот. Од самиот почеток, моторот одеднаш изгуби моќ. Тој се прегреа и не можев да ја намалам температурата на било кој начин. Во текот на секој круг бев на работ на откажување. Тоа беше веќе седмата трка за овој мотор. Си го одработи своето, изјави Хамилтон.
Пилотот на Мерцедес по трката во Монтреал го загуби лидерското место во Генералниот пласман и сега заостанува еден бод зад Себастијан Фетел кој вчера се радуваше на победата.