Директорот на Мерцедес, Тото Волф изјави дека е незадоволен од резултатите што ги постигнаа возачите од неговиот тим на патеката „Жил Вилнев“ на трката за Големата награда на Канада.

Во Монтреал сигурна победа оствари возачот на Ферари, Себастијан Фетел, додека втор беше Валтери Ботас од Мерцедес. Актуелниот шампион и возач на Мерцедес, Луис Хамилтон ја заврши трката дури на петтото место.

Фетел сега е прв во генералниот пласман, но и покрај тоа што Ботас беше втор во Канада, сепак, Волф наведе дека во тимот не се задоволни од резултатите.

- За нас ова е срамен резултат. На оваа патека секогаш сме биле јаки, но овој викенд постојано правевме грешки од самиот почеток. Сега имам чувство дека треба да се разбудиме. Заостанавме во секој аспект. На оваа патека требаше да освоиме максимален број поени, истакна директорот на Мерцедес.

Волф потврди дека одговорните за лошиот резултат ќе сносат последици.

- Тоа е неопходно и ќе го решиме интерно, истакна тој.

Мерцедес на трката во Канада не можеше да го користи новиот мотор, бидејќи не се поминати сите тестови, но беа направени и грешки при изборот на гуми.

Следната трка во Формула 1 се вози на 24 јуни во Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2018 16:36