Новиот тренер на Наполи, Карло Анчелоти даде своја анализа за претстојното Светско првенство во Русија. Италијанецот даде стручно мислење во врска со тоа кои се фаворитите на првенството, како и за селекциите, кои евентуално ќе донесат изненадувања. - Сметам дека Бразил е фаворит на Мундијалот, оваа селекција има најголеми шанси да го освои трофејот, бидејќи Тите изгради многу силен состав. Тимот игра многу силно во одбраната, а ова е во комбинација со прекрасниот напад. Обично, победниците на Мундијалот доаѓаат од групите, каде се наоѓаат Бразил, Аргентина, Германија и Шпанија. Многу ми е жал за отсуството на Италија, рече Анчелоти. Тој посочи и кои селекции според него можат да направат најголемо изненадување на Светското, кое започнува на 14 јуни и ќе ги радува фудбалските фанови до 15 јули. - Би рекол Белгија, бидејќи има многу играчи кои играат во Премиер лигата. Потоа е Хрватска, која има силни индивидуи, како искуство и квалитет, вели поранешниот тренер на Милан, Челзи, ПСЖ, Реал Мадрид и Баерн Минхен. Запрашан за новиот предизвик што го презеде во професионален аспект, имено тренерскиот пост на Наполи, Анчелоти изјави: „Ќе го дадам најдоброто од себе, како и секогаш. Знам во кој тим ќе одам, свесен сум за страста на навивачите. Во последните две години, тимот добро функционираше и сега треба да се надградуваме“.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 10:35