Постигнатиот договор, кој некои во Грција го нарекуваат историски, други проблематичен, од вчера попладне е главна тема во медиумите кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.
Во утринските информативни емисии на грчките телевизии, на порталите, во весниците, новинарите во Грција го анализираат договорот, што доби а што загуби едната или другата страна, но и кои се придобивките од затворањето на спорот со името.
Коментарите се во зависност од ориентираноста на медиумот, дали е близок до владата или пак до опозицијата. Речиси сите медиуми во Грција го пренесуваат коментарот на грчките владини извори околу придобивките за земјата од постигнатиот договор, она што претходно го објави МИА.
МИА ги пренесува денешните насловни страници на грчките весници.
Катимерини
„Договор со празнини и облаци“ е насловот на текстот на насловната страница на весникот „Катимерини“. Новинарот пишува дека договорот што е познат само во „кратки црти решава долгогодишен спор во надворешната политика, н содржи и сиви зони“.
Та неа
Под централен наслов „Направивме компромис со Северна Македонија“, весникот „Та неа“ на насловната страница накусо опишува што прифатила Грција, а што сме прифатиле ние.
-Прифативме: име (Северна Македонија), националност (македонска), јазик (македонски) и го запаливме зеленото светло за интеграција во Европската унија и НАТО. Прифатија: ерга омнес, промена на Уставот за иредентизмот и дека немаат никаква врска со античката цивилизација на Македонија, пишува весникот на насловната страница.
На пет страници, новинарите од „Та неа“, го анализираат постигнатиот договор, го пренесуваат ставот од македонска страна, но и реакциите во Грција.
„Бел чад и црни облаци“ е насловот на текстот посветен на постигнатиот договор, а новинарот коментира дека вчера беше постигнат голем компромис, додека пак колку овој договор е отпорен ќе биде проверено од јавното мислење во двете земји.
Елефтерос типос
„Национален пораз за малку ветувања“ е централниот наслов на денешното издание на весникот „Елефтерос типос“ со коментар дека „Ципрас триумфира за давање на македонски идентитет и јазик“. Исто како и „Та неа“ и „Елефтерос типос“, опширно на 5 страници на читателите им дава информации околу договорот, ставовите на грчката опозиција но и на меѓународните фактори.
Весникот коментира дека договорот „ги отвора вратите на НАТО и ЕУ за Скопје со сиви зони и го предаде грчкото вето“.
Ефимерида тон синдактон
- Алексис Ципрас и Зоран Заев се договорија да решат еден историски спор од 25 години, пишува на насловната страница весникот „Ефимерида тон синдактон“ и коментира дека станува збор за историски договор.
Весникот ги пренесува информациите од грчките владини извори за придобивките од договорот за земјата.
Авги
Весникот „Авги“ кој важи за гласник на СИРИЗА, на насловната страница пишува дека со договорот за македонското прашање направен е „Историски чекор“ за стабилност и мир на Балканот.
Медиумите во Грција коментираат дека веројатно во текот на викендот, договорот ќе биде потпишан во Преспа (на грчка територија) , но пред Ципрас и Коѕијас да стигнат до таму, ги очекуваат две расправи во грчкиот парламент, едната утре за среднорочната рамка за финансиската стратегија за периодот 2019-2022 ,а другата во петок за постигнатиот договор за името.
Неофицијално, во новинарските кругови во Грција, се споменува можноста, лидерот на опозициската Нова демократија до претседателот на грчкиот парламент да достави барање за гласање на недоверба на владата. Доколку е потврдат овие информации, предлогот би бил доставен или утре или во петок.