Најдобрите екипи во средноучилишните лиги на град Скопје за учебната 2017/18 денеска добија признанија и благодарници од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Во текот на оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учествуваа 245 екипи, а се одиграа над 1.000 натпревари во кои учествуваа околу 6.000 ученици од 30 средни училишта од Скопје. Тие се натпреваруваа во 10 лиги кои се одвиваа во текот на целата учебна година, се до финалните натпревари коишто се одиграа минатиот месец.

- На овие натпревари се добија градските прваци во сите колективни спортови, а тие заедно со второпласираните, не претставуваа на натпреварите на државно ниво, рече градоначалникот Шилегов.

Тој потенцираше дека ќе продолжи досегашната пракса и најдобрите екипи од средношколските натпреварувања ќе бидат испратени да се натпреваруваат со екипите со збратимените градови. Во октомври најдобрите екипи ќе учествуваат на натпревари со нивните соучесници од Нирнберг. Изминативе години учениците учествуваа на спортски натпреварувања во Ниш, Белград, Софија, Љубљана, Загреб и во Истанбул.

На средноучилишните лиги на Град Скопје за учебната 2017/2018 година во футсал - мажи прво место освои средното училиште „Цветан Димов“, второ „Зеф Љуш Марку“, а трето „Аресени Јовков“, а во истата дисциплина жени како најдбри се издвоија „Методи Митевски-Брицо“ со прво место, „Орце Николов“со второ и со трето место „Лазар Танев“.

Во ракомет – жени, првите три места ги освоија: „Методи Митевски-Брицо“, „Никола Карев“ и „Васил Антевски – Дрен“, а во ракомет - мажи најдобри беа екипите на „Методи Митевски-Брицо“, „Јосип Броз-Тито“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Во одбојка – мажи, првите три места ги освоија „Методи Митевски-Брицо“, „Здравко Цветковски“ и „Зеф Љуш Марку“, додека во одбојка жени најдобар резултат постигнаа екипите на „Никола Карев“, „Орце Николов “ и „Јосип Броз -Тито“.

Во кошарка – мажи, најдобри беа екипите на „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, а во кошарка-жени „Орце Николов“, „Методи Митевски-Брицо“ и „Арсени Јовков“.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 13:22