Македонскиот филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ќе се прикажува на 21. издание на филмскиот фестивал во Шангај.
Филмот ќе има три прикажувања на фестивалот, вечер, во петок и во недела. Ова ќе биде трето прикажување на „Исцелител“ на фестивал од А категорија, покрај прикажувањата на „Црни ноќи“ во Талин, Естонија и на интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија. На фестивалот во Шангај филмот ќе се прикаже во ревијалната програма Спектрум, која е дел од Интернационалната филмска панорама на фестивалот.
Оваа година на фестивалот во Шангај освен „Исцелител“ ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски.
Фестивалот во Шангај е основан во 1993 година и е еден од најголемите филмски настани во Азија. Тој е единствен фестивал во Кина кој е дел од престижната А категорија на фестивали акредитирани од светската организација ФАПФ. Фестивалот е посветен на градење на меѓународна платформа за професионалци и запознавање на кинеската јавност со најновите филмски остварувања.
Десетдневниот филмски фестивал беше отворен на 16-ти јуни со кинескиот филм „Светот на животните“ на режисерот Иан Хан во кој Мајкл Даглас ја игра главната улога. На црвениот тепих се појавија многубројни светски и кинески филмски ѕвезди меѓу кои и актерите Николас Кејџ и Кристоф Валц, актерката Ли Бингбинг, унгарската режисерка Илдико Ењеди и други.
Изминатите денови „Исцелител“ ја доби наградата за филм од М.А.Н - Македонски алтернативни награди. Ова е трета домашна награда за филмот, кој досега освои и девет меѓународни награди, од кои пет за најдобар филм и учествуваше на вкупно 24 светски фестивали.
Низ Македонија, „Исцелител“ досега се прикажа во кината во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Кичево, Куманово, Прилеп, Свети Николе, Велес, Богданци, Гевглија и Гостивар каде го погледнаа приближно 14.000 гледачи. Филмот имаше и проекција под отворено небо во Градскиот парк во Скопје, на која имаше околу 8.000 гледачи. Филмот од денеска до 20-ти јуни ќе се прикажува во Центарот за култура во Неготино.
Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.