Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ наведе дека за неговиот пријател британскиот тенисер Енди Мареј најголем проблем по враќањето на теренот ќе биде да не размислува за можноста повторно да се повреди.
Марej повторно почнува да се натпреварува на претстојниот турнир во Квинс, а Ѓоковиќ ја прифати поканата за ова натпреварување.
Двајцата тенисери лани по четвртфиналето на „Вимблдон“ заради повреди направија подолги паузи. Ѓоковиќ во јануари годинава повторно се врати на терен, а Мареј паузираше уште половина година.
- Најголемиот предизвик секогаш е психолошки. Се зависи од тоа како ја сфаќаш ситуацијата и она што ти се случило. Треба да знаеш дека си добро, дека си здрав и да се фокусираш на играта. Мораш да престанеш половина од времето да размислуваш дали ќе ти се случи нешто лошо или не, истакна српскиот тенисер.
Според Ѓоковиќ дополнителен проблем е и тоа што британскиот тенисер се враќа во период кога се игра сезоната на трева.
- Не знам во каква состојба е неговиот колк, но на трева лесно можете да се лизнете. Таа е многу непредвидлива подлога и ако си на погрешна нога лесно можеш да се повредиш, истакна Ѓоковиќ.
Во Квинс прв противник на Ѓоковиќ е австралискиот тенисер Џон Милман, а Мареј на терен ќе се врати со натпревар против Ник Киргиос. Двата натпревари ќе се одржат утре.