Продукциската куќа Еј-би-си е во преговори за спин-оф продолжението на прекинатата ТВ серија „Розен“, но без главната ѕвезда Розен Бар. Серијата ќе има најмалку уште една сезона, со голем дел од актерската постава од претходните, пишува „Холивуд Рипортер“.

Во спин-оф приказната, централен лик ќе биде оној на Сара Гилберт - Дарлин, ќерката на главниот и насловен лик во „Розен“.

Претходно, Еј-би-си ја откажа ТВ серијата „Розен“, откако Розен Бар на Твитер ја навреди Валери Џерет - една од најблиските соработнички на поранешниот американски претседател Барак Обама. Имено, таа напиша дека Џерет изгледа мешавина од Муслиманското братство и „Планетата на мајмуните“. Овој коментар беше оценет како расистички, имајќи предвид дека Џерет е полу-Афроамериканка.

По контроверзната објава, и продукциската куќа и застапничката агенција на Розен ја прекина соработката со неа.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2018 02:06