Главниот извршен директор на „Тесла“, Елон Маск во писмо распространето до вработените на компанијата вели дека неименуван човек, кој работи во компанијата, ги саботирал некзините операции. Ова се правело со менување на кодот на оперативниот систем за производство и испраќање важни информации на трети компании.

„Тесла“ одби да коментира официјално. Во писмото на Маск, до кој дошле неколку медиуми во САД, тој спомнува дека дознал за саботажа изминатиот викенд.

- Целосниот степен на неговите постапки сè уште не е јасен, но она што го призна досега е доста лошо, вели Маск. Во писмото, исто така, се објаснува дека причината за овие постапки од страна на работникот е поради барањето за покачување, што не го добил.

Маск додава дека истрагата за актите на саботерот ќе се одржи во текот на неделата. Тој, исто така, вели дека постојат голем број на организации кои сакаат „Тесла“ да пропадне, вклучувајќи ги и оние од нафтената индустрија, конкурентските производители и шпекуланти на Вол Стрит.

Интересно е да се додаде дека во неделата имало мал пожар во фабрика на компанијата. Во него не настрадал ниту еден вработен.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2018 03:10