Сенатот на САД гласаше за продолжување на санкциите против кинескиот производител на смартфони и телекомуникациска опрема ZTE. Ова доведе до колапс на акциите на компанијата.
Денес хартиите од вредност на ZTE поевтинија за 24 отсто на берзата во Хонг Конг - до 10,02 хонгконгшки долари, што е најниска вредност во последните две години. На берзата во Шенжен акциите на компанијата паднаа за 10 отсто.
Од моментот на обновување на трговијата со акции на ZTE минатата недела нивната вредност се намали за 38%, а пазарната капитализација на компанијата се намали за 7 милијарди долари.
Во април годинава американските власти им забранија на локалните компании да продаваат на ZTE компоненти за нивните паметни телефони, телеком опрема и други уреди произведени од кинеската компанија. Рокот на санкциите беше фиксиран на 7 години - до 2025 година.
Како официјална причина властите го истакнаа фактот дека ZTE го довело до заблуда Министерство за трговија на САД - наместо да ги казни своите вработени и топ-менаџери за кршење на договор со САД во врска со Иран, компанијата ги наградила.
Претходно овој месец ZTE договори симнување на санкциите. Според условите на договорот, кинеската компанија треба да плати 1 милијарда долари на Министерството за трговија на САД и да направи промени во раководниот тим во рок од 30 дена.
Договорот исто така вклучува отворање на сметка во вредност од 400 милиони долари, кои можат да бидат преземени од страна на американските власти, ако ZTE повторно ги наруши условите од договорот.
Одлуката на Сенатот на САД за продолжување на санкциите е дел од поголем закон за одбрана, кој треба да биде договорен со Претставничкиот дом. Според публикација на „Вол стрит журнал“, претседателот Доналд Трамп ќе се обиде да ја убеди комисијата на двата Дома да ја омекне својата позиција во однос на ZTE, а освен тоа може да го користи и правото на вето.