Британскиот тенисер Енди Мареј, кој по речиси една година пауза поради повредата на колкот се врати на терените со пораз на турнирот во Квинс, изјави дека веќе не е сигурен за неговиот настап на Вимблдон.
Мареј покажа солидна игра против австралискиот тенисер Ник Кириос, но и покрај тоа беше поразен и елиминиран на стартот од турнирот.
- Морам да видам што ќе се случува и во моментов не знам што е најдобро за мене. Сега веќе ништо не би исклучил. Можеби следната седмица ќе играм во Истборн, а може и да го пропуштам Вимблдон, истакна британскиот тенисер.
Мареј нагласи дека заздравувањето и процесот на враќање во натпреварувачка форма за него се одвивал многу тешко, а по овој пораз воопшто не е сигурен на кои турнири ќе настапи во следните месеци.
- Мислам дека играв добро. Среќен сум што против Кириос играв респектабилен тенис, наведе 31-годишниот тенисер.
Тој потенцира дека одлуките за настапот на турнирите ќе ги донесе во зависност од тоа како ќе се чувствува.