Лидерот на светската АТП листа Роџер Федерер (Швајцарија) се пласираше во четвртфиналето на турнирот на трева во Хале (Германија) со награден фонд 1.98 милиони евра. Бранителот на титулата постигна тешка победа над Беноа Пер (Франција) со 6:3, 3:6, 7:6 (7) за речиси два часа игра и запиша 18-та последователна победа на трева, откако неговата серија започна токму во германскиот град минатата година.
Триесет и шест-годишниот Швајцарец го загуби вториот сет и спаси два меч топки пред да победи во тајбрејк со 9:7 и да го затвори натпреварот. Беноа Пер водеше со 7:6, по што сепак Федерер направи три последователни поени и така стигна до победата.
Швајцарецот има девет трофеи во Хале од вкупно 18 во кариерата на трева. Тој треба да ја одбрани титулата, за да се задржи на првото место на светската ранг-листа.
Во четвртфиналето Федерер ќе игра против Метју Ебден (Австралија), кој го елиминираше шестиот носител Филип Колшрајбер (Германија) со 4:6, 6:1, 6:2.
Хрватот Борна Чориќ исто стигна до четвртфиналето, откако го победи Николоз Басилашвили (Грузија) со 6:4, 6:2.