Кошаркарите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели возачот Игор Стефановски - Иџе и каратистите Дејан Недев и Аљоша Недев се вклучија во проектот „Шампионите за вас“ кој има за цел да ја подобри иднината на децата кои сега се во социјален ризик.
- Преку спортот и благодарение на овие легенди кои се дел од настанот, децата во социјален ризик од Македонија ќе можат да спортуваат и да стануваат дел од клубови за спорт кои ќе ги учат на тоа како преку дисциплина, тимска игра, самомотивација и поставување на сопствени цели може да постигнеш се што сакаш во животот. Оваа патека, по која тие веќе тргнаа, ќе им покаже како и тие да станат шампиони и баш поради тоа на нас ни е повеќе од драго што спортските ѕвезди го прават ова за иднината на нашето општество, децата и најмалите, изјави Кристина Арнаудова, претседател на Проект Среќа и Здраво шампиони, кој трае веќе неколку месеци, а ќе заврши со делење на опремата на крај на август, пред почетокот на школската година.
Македонските спортисти донираа дел од своите лични предмети, дресови носени на европските првенства, златни медали до првата награда која некогаш ја добила Едина Муса, кои ќе бидат дел од онлајн аукција.
За време на акцијата „Шампионите за вас“ сите кои дојдоа и донираа по најмалку 100 денари, добија купон со кој присуствуваа на настанот и се дружеа со спортските ѕвезди кои воедно потпишуваа и топки чија продажба додатно влезе во донаторската каса.