Италијанската Влада оцени дека е нехумано одбивањето на Малта да го прими бродот Лајфлајн на кој се наоѓаат 200 мигранти кои испловиле од Либија.

Ова е втор инцидент од ваков вид откако Италија одби да прима бродови со мигранти кои испловуваат од Либија. Првиот ваков брод, „Акваријус“, со над 600 лица на него, се упати кон Шпанија, каде Владата се согласи да ги прими мигрантите. Италија вели дека доколку бродовите со мигранти навистина се во опасност од потонување, тогаш одговорноста да ги прими е на најблиската држава, а тоа е Малта. Малтешките власти упатиле одговор до Италија дека бродот не е во опасност и не е потребно патниците да бидат спасени.

Се работи за брод на германска невладина организација кој плови под холандско знаме. Новоизбраната италијанска Влада и пред се министерот за внатрешни работи Матео Салвини ги обвинуваат ваквите невладини организации дека се во координација со шверцери на мигранти во Либија, кои испловуваат во Средоземното Море, а потоа лажно пријавуваат дека се во опасност од тонење, по што по мигрантите доаѓа однапред договорениот спасувачки брод.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2018 17:58