Македонската ракометна репрезентација во групната фаза на Светското првенство 2019 ќе се сретне со селекциите на Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахреин и Јапонија.
На полудиригираното извлекување што денеска се одржа во Копенхаген, Македонија беше извлечена во групата Б, што значи дека своите натпревари ќе ги игра во градот Минхен во Германија.
Група А: Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил, Кореја. Група Б: Шпанија, Хрватска, МАКЕДОНИЈА, Исланд, Бахреин, Јапонија. Група Ц: Данска, Норвешка, Австрија, Тунис, Чиле, Саудиска Арабија. Група Д: Шведска, Унгарија, Катар, Аргентина, Египет, Ангола.
Според системот на натпреварување, најдобропласираните три селекции од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза. Групата Б во која се наоѓа Македонија, ќе вкрсти со Групата А, а натпреварите во таа новоформирана Главна Група 1, ќе се играат во Келн.
За репрезентацијата на Македонија ова претставува шесто учество на Светските првенства и веќе четврто по ред. Мундијалот за првпат ќе се игра во две држави – Данска и Германија.