Европскиот шампион Португалија продолжува кон фазата на елиминации на Мундијалот 2018, откако на крајот заврши на втората позиција во групата „Б“.

Во последниот натпревар, „морепловците“ одиграа 1:1 со Иран, а во исто време Шпанија ремизираше 2:2 со Мароко. Така двата тима од Пиринејскиот Полуостров собраа по пет поени и се со иста гол разлика од +1, но светските шампиони од 2010 година постигнаа еден погодок повеќе.

Голот за Португалците го постигна Кварезма во 45-тата минута, а Ансарифард израмни од пенал во 93-тата. Роналдо промаши пенал на почетокот на второто полувреме, досуден по преглед на ситуацијата со ВАР системот.

Во осминафиналето Португалија ќе игра со Уругвај, а Шпанија ќе сочи со домаќинот Русија.

Иранците остануваат трети со четири поени, откако беа на чекор од изненадувачки успех и пласман понатаму, но Вахид Амир пропушти 100-процентна можност во дополнителното време.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2018 11:01