Македонските репрезентативци Андреј Маслинко и Дарко Соколов и следната сезона ќе настапуваат за МЗТ Скопје Аеродром.

Од клубот соопштија дека ја искористиле клаузулата од договорот за да го задржат Маслинко и за следната сезона, во која се очекуваат тој да прикаже уште подобри партии и да се етаблира во еден од носителите на играта на МЗТ. Маслинко минатата сезона настапи на 22 средби во домашното првенство со просек од седум поени и 4,9 скока додека во АБА-лигата одигра 14 натпревари.

Соколов уште при доаѓањето во клубот од Аеродром во декември минатата година, потпиша договор на една ипол години поради што неговото останување во дресот на „металците“ воопшто и не беше ставено под знак прашалник.

Тој во неодамна завршеното првенство на Македонија имаше просек од 7,5 поени и 2,3 скока на 25 натпревари за МЗТ, а во АБА лигата настапи на седум средби со просечна реализација од 6,1 поен и 2,3 асистенции.

Од МЗТ информираат дека во тек се преговори со Дамјан Стојановски и со Марко Симоновски, а претходно во клубот се врати Љубомир Младеновски по една година помината во Словенија.

Воедно „металците“ потврдија дека е постигнат договорот со актуелниот тренер Ѓорѓи Кочов, кој ќе го води тимот во следните две сезони.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2018 17:27