Хрватскиот селектор Златко Далиќ по сигурниот пласман на неговата репрезентација во осминафиналето се осврна на досегашниот тек на Светското првенство, но и на следниот предизвик - натпреварот против Данска.

Далиќ нагласи дека е задоволен од играта на хрватските фудбалери, кои остварија три победи и по 20 години обезбедија пласман во нокаут фазата.

Хрватскиот селектор наведе дека е внимателен пред натпреварот со Данска и дека тоа ќе претставува пресвртница и за играчите и за навивачите.

- Тоа ќе биде пресвртница за сите нас и ова навистина го мислам. Ако против Данска не го потврдиме она што го направивме досега, овие три победи нема ништо да ни значат. Сметам дека не смееме да бидеме задоволни со тоа што ја поминавме групата. Тогаш подобро ќе беше да заминевме на одмор, а не на Светското првенство во Русија. Можеби Данска ќе биде подобра од нас и заслужено да победи, но не смееме пред натпреварот да се задоволиме со постигнатото, истакна Далиќ.

Хрватска ќе се соочи со Данска во недела во 20 часот во Нижи Новогород.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2018 16:15