Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков по вчерашниот пораз од Швајцарија со 85-79 во рамки на првата фаза од претквалификациите за Евробаскет 2021 изјави дека тимот имал потешкотии поради новите играчи во ростерот и дека им било тешко да се воиграат како тим. Македонија и покрај поразот остана првопласирана во групата и обезбеди пласман во втората рунда од претквалификациите, закажана за септември. - Кошаркарите на Швајцарија одиграа одличен натпревар. Имавме нови играчи во нашиот ростер, па и играта ни беше поинаква, тимот беше поинаков и имавме потешкотии. Не игравме воопшто во првиот период и ни беше многу важно да се вратиме во игра. Напреднавме во втората рунда, но мораме да се подготвиме подобро за она што ни претстои. Таква е кошарката денес, имавме речиси 40 дена вон тренажен процес, па ни беше тешко да се воиграме како тим, изјави селекторот на Македонија по мечот. Центарот на „жолто-црвените“, Бојан Трајковски изјави дека направиле многу грешки за време на дуелот, но и дека имаат доста работа пред следната фаза натпревари за да ги поправат. - Честитки до тимот на Швајцарија. Направивме многу грешки, но имавме добри резултати досега во претквалификациите, особено минатата година. Најважно е што се вративме по првиот период. Имаме три-четири месеци за работа пред следната фаза и за да ни се вратат играчи кои беа повредени и отсуствуваа денеска, изјави Трајковски, цитиран од КФМ.