Францускиот филм „120 отчукувања во минута“ на режисерот Робин Кампиљо (Мароко, 1962) од вчера е на репертоарот на кино „Милениум“. Филмот беше фаворит на Канскиот филмски Фестивал, не доби „Златна палма“, но освои Гран-при на фестивалот.
Филмот е чувствителна историска драма заснована на личните искуства на сценаристот и режисерот со група активисти од „Act Up" во 1990-тите години во Париз. Посветен е на ХИВ-позитивните луѓе и нивните пријатели кои водеа мирни протести против фармацевтската индустрија и политичарите.
Приказната го следи Нејтан, кој во текот на деведесеттите години од минатиот век се придружува на група париски активисти кои се занимаваат со превенција од ХИВ-вирусот. На неделните состаноци на организацијата тој открива членови кои преферираат радикален пристап кон протестите.