Селекторот на Франција, Дидие Дешам во пресрет на осминафиналниот дуел со Аргентина на фудбалскиот Мундијал, рече дека за успех ќе биде потребно да го „неутрализираат“ Лионел Меси.

- Тој знае со многу малку потези да направи голема разлика. Поради тоа ќе мора да го запреме, да го неутрализираме. На 127 натпревари за националниот тим има дадено 65 гола. Тешко ќе биде да се чува еден од најдобрите играчи на светот, меѓутоа ние ќе се обидеме. Се надевам дека по натпреварот ќе може да се пофалиме дека сме одиграле добро во одбраната, а секако треба да функционираат беспрекорно и другите линии. Покрај Меси, Аргентина има и други големи ѕвезди и врвни фудбалери и затоа очекувам исклучително тежок натпревар, истакна Дешам.

Франција во историјата на СП против Аргентина играла само два пати и во двата случаја (1930 и 1978 година) загубила.

Натпреварот со кој ќе биде отворена елиминациската рунда на СП во Русија почнува во 16 часот.

Покрај овој дуел, вечер од 20 часот се игра и второто осминафинале, а во него се среќаваат Уругвај и Португалија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2018 14:47