Песни од 16 македонски и исто толку српски поети се објавени во двојазичниот зборник „Соѕвездие“ што излезе од печат во издание на Културниот центар „Бран“ и меѓународната ревија за литература „Бранувања“ од Струга.

Зборникот, како што соопшти издавачот, ќе биде промовиран на 5 јули во Националната установа библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

Промотори ќе бидат Љубиша Симиќ и Христо Петрески, а осврт за досегашната взаемна соработка ќе даде поетот Петко Шипинкаровски. Творбите на македонските поети се преведени на српски јазик и обратно на српсиките писатели на македонски јазик. Во двојазичното издание, предговорот е на македонски писател Христо Петрески, кој на крајот од своето обраќање, завршува со зборовите: „Писатели од Балканот, обединете сé!“

- Објавувањето на поетскиот двојазичен зборник „Соѕвездие“/„Сазвежђе“, е резултат на соработката воспоставена минатата година со потпишување протокол меѓу литературното друштво „Седумка“ и Културниот центар „Бран“ од Струга, на меѓународниот саем на книгата во Франкфурт на Мајна. На овој престижен меѓународен саем на книгата, беа претставени македонските изданија и меѓународната ревија за литература „Бранувања“ од Струга, информира уредникот на ревијата „Бранувања“, Петко Шипинкаровски.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2018 21:11