Актерката Ангела Стојановска синоќа ја изведе својата монодрама „Срам“ на малата сцена на велешкиот театар, со која ја прикажува женската оптовареност со прекумерната тежина и други срамови и проблеми на понежниот пол во денешницата.
- Мене долго време ме мачеше темата, долго време имав проблеми на начинот на кој изгледав и барав решение како да ги надминам тие проблеми. На моја голема среќа јас го најдов овој проект, аплицирав и добив средства со кои можев да ја направам оваа претстава. Во тоа време се јави и ковид-пандемијата и постојано слушав за луѓе кои се срамат дека се болни и се тестирале. Што во мојата глава немаше никаква логика. Тој збор срам се закачи за мене и почнав да размислувам за сите работи од кои мене ми е срам и ги претворив во приказни за низ претставата, појасни Стојановска, која е дипломирана актерка, девет години невработена.
Успешната интеракција со публиката, во која имаше само еден маж, колега на Стојановска, на крајот од монодрамата, резултираше со заклучоци што жените и ги соопштија откако ја пробаа и пофалија касато тортата која актерката ја подготви за време на претставата.
Таа потенцира дека невработените актери во земјава не би можеле да преживеат без независната театарска сцена која им дава можност креативно да се претстават и да егзистираат преку вакви и слични проекти а бидејќи со години не добиле можност да се вработат во некои од државните театри.
Во реализацијата на монодрамата „Срам“, Стојановска помош добила од организација на жени од Свети Николе. Во велешкиот театар „Срам“ ја донесе организација на жени од Велес.
Монодрамата за неколку дена ќе биде прикажана и во Виница и во други градови во земјава.
Инаку, оваа монодрама досега е изведена во пет градови во земјава.
Стојановска најави дека за следната година подготвува друг проект во кој на сцената ќе се претстави со уште една своја колешка.