Автокомпанијата „Тесла“ го зголемила производството на моделот 3 на 5.000 возила неделно, што претставува рекорд за проблематичната фабрика во близината на Сан Франциско. Основачот на „Тесла“, Илон Маск им задал краен рок на менаџерите во фабриката да направат 5.000 автомобили до крајот на викендот, по што изјави дека „Тесла“ конечно станува вистинска автомобилска фабрика, иако е неизвесно дали компанијата може да го одржи ова темпо на производство. Уште во јануари „Тесла“ најави дека си поставила цел до средината на годината да почне да произведува по 5.000 модел 3 автомобили неделно. Компанијата се уште губи пари, но Маск заклучи дека не смее да ги разочара илјадниците муштерии кои веќе уплатиле за своите „Тесли“, а ги чекаат со месеци. „Тесла“ дури постави нова линија за склопување возила во импровизиран шатор во близина на главната хала.