Пет станици за поправка на велосипеди што ќе им овозможат на велосипедистите до колку имаат потреба да извршат мали интервенции на своите велосипеди промовираше денеска Град Скопје.
Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху изјави дека намалувањето на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалувањето на загадувањето на воздухот, се предизвици со кои се соочуваат сите големи градови во светот.
- Од овие причини Град Скопје посветува големо внимание на активностите кои придонесуваат за постигнување одржлива урбана мобилност во сообраќајот. Проектот „Вози право, вози здраво“ прерасна во синоним за заедничките напори на граѓаните на Скопје и во развојот на велосипедската култура, рече Салиху.
Станиците се опремени со рачна пумпа за гуми, шест специфични алати кои се стандардни за ситни поправки на велосипедите.
Сервисните станици за велосипеди се поставени кај бензинските станици на Макпетрол на раскрсницата на бул. „Партизански одреди“ со бул. „8-ми Септември“, кај Транспортниот центар, излезот на Скопје кај Автокоманда, кај бензинската станица на Окта на бул. „Србија“ и пред Инфо центарот на Град Скопје во Градскиот парк.
Од Град Скопје информираат дека посветено работат на директно поттикнување на граѓаните да ги користат велосипедите како алтернативно превозно средство во густо населените урбани средини, затоа што тоа ќе им заштеди време и пари при транспортот од една до друга локација и ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.
Досега се поставени над 1.800 столпчиња, обезбедени се 2.700 метри простор за слободно движење на пешаците и велосипедистите. Годинава се исплатени субвенциите за набавка на велосипеди на 3.131 граѓани, а во рамките на редовните активности на градот се вршат реконструкции и се одржуваат постојните, но и се градат нови велосипедски патеки, посочуваат од Град Скопје.