Денешната програма од четвртфиналната фаза на Светското фудбалско првенство во Русија започнува со дуелот помеѓу Англија и Шведска од 16 часот.

Тимот од Островот веќе почна да сонува за светската титула по успехот на пенали над Колумбија во претходниот круг, но сега нивната задача нема воопшто да е лесна. Скандинавците се доста незгоден ривал, кој исто така има свои амбиции и ќе стори се за да ги уништи сметките на противникот.

Тоа ќе биде 25-от дуел помеѓу овие два тима. Статистичките податоци покажуваат дека ниту еден од нив нема посебна предност. Англичаните имаат осум победи, Швеѓаните - седум, а девет мечеви завршиле нерешено. Овие ривали имаат и два меѓусебни дуели на светските првенства, кои завршија нерешено - 1:1 во 2002 година и 2:2 во 2006.

Англија има една светска титула од далечната 1966 година, но тимот не може да се пофали со големи успеси потоа, откако единствено во 1990 година успева да стигне до полуфиналето.

Шведска нема титула, но сепак може да се пофали со едно второ, две трети и едно четврто место на завршниците на светските првенства. Сепак, последен пат, Швеѓаните ја минаа четвртфиналната фаза на Мундијалот во САД во 1994 година.

Селекторот Јане Андерсон има некои ситни проблеми со составот пред натпреварот. Со полесни повреди се Албин Екдал и Џими Дурмаз, па нивното учество во натпреварот ќе биде под прашање до последен момент. Во исто време, сепак ветеранот Себастијан Ларсон повторно ќе биде на располагање на тренерскиот штаб откако ја издржа казната. Микаел Лустиг сепак сигурно го пропушта натпреварот поради казна

Во составот на Англија проблемите се многу поголеми и Герет Саутгејт најверојатно ќе направи доста промени во составот. Ешли Јанг, Деле Али и Кајл Вокер се здобија со повреди во мечот со Колумбија и нивното учество во натпреварот е малку веројатно. Џејми Варди исто е има повреда на бутината, но неговите шанси да се појави во игра се поголеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2018 17:00