Францускиот бек Тони Паркер ќе премине во тимот на Шарлот Хорнетс, откако се согласи да потпише двегодишен договор со вкупна вредност од 10 милиони долари.
Триест и шестгодишниот Паркер донесе изненадувачка одлука по цели 17 сезони поминати во дресот на Сан Антонио, во кои стана лидер на клубот по асистенции во историјата и вториот играч со најмногу натпревари за тимот од Тексас по Тим Данкан.
- Одлуката беше тешка и многу емотивна за мене, но треба да продолжам понатаму, изјави Паркер за ЕСПН.
Во Шарлот, Паркер ќе се игра со својот близок пријател и сонародник Никола Батум.
Сепак разделбата со Паркер, за која раководството на Сан Антонио и тренерот Грег Поповиќ не знаеле до последен момент, не беше единствениот удар за клубот. Крилото Кајл Андерсон се согласи да потпише договор за четири години со тимот на Мемфис Гризлис за 37,2 милиони долари.
Дваесет и четиригодишниот Андерсон е ограничен слободен играч, што значи дека Сан Антонио има 48 часа да му ја даде истата понуда како што му ја дал Мемфис. Ако Спарс не ја издвојат сумата во наредните два дена, трансферот на Андерсон во Мемфис ќе биде финализиран.