Скаутот Огњен Вукојевиќ беше отстранет од делегацијата на репрезентацијата на Хрватска од страна на федерацијата на земјата.

Тоа се случи откако Вукојевиќ и актуелниот репрезентативец Домагој Вида, долгогодишни поранешни играчи на Динамо Киев, извикаа „Слава на Украина“ по победата на Хрватска на пенали над Русија во четвртфиналето на Мундијалот 2018 во Сочи.

Казна за Вида, сепак, нема.

- Хрватскиот фудбалски сојуз се извинува на руската јавност за однесувањето на претставници од тимот, се вели во официјалното соопштение.

Претседателот на хрватската фудбалска централа, Давор Шукер, исто така, ја коментираше ситуацијата.

- Се извинуваме за тоа што го направи Вукојевиќ. Тоа нема врска со хрватскиот фудбалски сојуз. По ова прашање ние ја поддржуваме ФИФА - никаква политика во фудбалот. Неговата акредитација е поништена и тој нема да биде на стадионот. Можам само да се извинам за неговата постапка. Не е убаво кога политиката и фудбалот се мешаат. Јас сум против тоа. Штом ја видов снимката, го искритикував, рече Шукер.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2018 17:18