Претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес откри дека новиот селектор Луис Енрике имал финансиски попривлечни понуди, но ја претпочитал функцијата селектор на репрезентацијата на Шпанија.
Претходно, поранешниот тренер на Барселона беше официјално објавен за наследник на Фернандо Јеро, кој ја напушти „Фуријата“ по елиминацијата во осминафиналето на Мундијалот во Русија, токму од домаќините по продолженија и пенали.
Енрике ќе биде на чело на шпанската репрезентација две години, а спортски директор ќе биде Хозе Франсиско Молина.
- Јеро ми соопшти за неговото заминување и разговарав со Молина, а потоа почнавме да работиме на ова прашање. Минатата недела разговарав со него, беше едноставно. Тој сакаше да биде селектор, тој сакаше да биде на врвот на тимот во наредните две години. Имаше економски попривлечни понуди, изјави Рубиалес за текот на преговорите со Луис Енрике.
Рубиалес нагласи и дека не зборувале со ниту еден друг кандидат за позицијата. Тој се осврна и на проблемите кои поранешниот тренер на Каталонците ги има со медиумите.
- Во репрезентацијата има два круга - еден е внатрешен, а другиот надворешен. Свесни сме дека Енрике има карактер и не секогаш се разбирал со медиумите, но се надеваме дека во тимот ќе владее добра атмосфера, како и околу него. Енрике дојде, за да освојува трофеи со Шпанија, сподели Рубиолес.
Запрашан дали сепак имало опција Јеро да продолжи, Рубиалес возврати: „Тој немаше таква желба и јас не сум се обидувал да го убедувам. Тој е мој добар пријател“.