Агенцијата за цивилно воздухопловство на Македонија (АЦВ), заедно со претставници од клубот за екстремни спортови „Пеликан-Екстрем“ од Гевгелија изврши преглед и контрола на квалитетот на шест полетувалишта за параглајдери на териториите на општините Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци по што со траен карактер ги внесе во својот регистер со сите параметри кои во иднина ќе им служат на параглајдеристите.

- Со цел да се популаризира параглајдерството и летањето со змаеви на овие простори, изминативе четири години беше направена огромна студија и опсервација на терените кои со голема љубов и огромна работа на членови од клубот како и со помош на организации, се претворени во прекрасни полетувалишта и слетувалишта кои ќе се користат многу години, рече Лазар Стамков од клубот „Пеликан-Екстрем“.

Во регистерот на АЦВ на Македонија се внесени теренот во близина на планинското село Серменин во општина Гевгелија, Стојачка чука кај селото Стојаково во општина Богданци, локациите Голаш и Татарлиска чука во близина на Валандово како и локалитетите Мала и Голема Боскија во близина на Дојран.

Според информациите од Стамков, клубот „Пеликан-Екстрем“ од Гевгелија за септември на Стојачка чука подготвува натпревар во прецизно слетување кој од наредната година ќе влезе во календарот на Македонската параглајдерска лига.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/07/2018 11:25