Селекторот на Англија, Герет Саутгејт не очекува на полуфиналниот натпревар на Светското првенство да влијае фактот дека хрватската репрезентација имаше подолг и поисцрпувачки четвртфинален натпревар.
Англија во четвртфиналето ја совлада Шведска со 2:0, додека Хрватска против Русија играше и две продолженија, а победи дури по пенал серијата.
- И ние игравме продолженија, шутиравме пенали...и знаеме колку тоа исцрпува и физички и емотивно. Но, тим кој стигнал до полуфиналето на Светското првенство ќе пронајде енергија и мотив. Нема да победиме само затоа што Хрватите поминале половина час повеќе на теренот од нас и тоа пред три дена. Мораме да победиме затоа што сме подобри, истакна Саутгејт.
За англиската репрезентација ова е можност да се бори за финале првпат по 1990 година
- Ќе продолжиме на истиот начин како и досега, односно ќе бидеме дисциплинирани и организирани. Хрватите имаат добар среден ред и затоа ќе мора да водиме сметка за контролата на теренот. Имаме шанси и знаеме што сакаме и како да го направиме тоа, наведе англискиот селектор.
Полуфиналниот натпревар меѓу Англија и Хрватска се игра утре од 20 часот во Москва.